Жителите на Пештани, Љубаништа, Трпејца, Коњско, Елшани, Куратица, Вапила, Ливоишта, Мешеишта, Требеништа, Волино, Горенци и уште неколку други охридски села се принудени да доаѓаат до Охрид за основни здравствени прегледи, бидејќи амбулантите кои треба да ги покриваат овие рурални подрачја, не се издадени под концесија.
Единствена здравствена заштита за жителите на овие села обезбедува медицинската екипа од проектот „Рурален доктор“, кој го реализира Министерството за здравство. Оваа екипа еднаш неделно или еднаш на две недели ги посетува селските амбуланти кои не се издадени под концесија и врши патронажна посета на селата.
Без лекар е целото источно крајбрежје
Жителите на Пештани сметаат дека посетите на „Рурален доктор“ се корисни, но со нив не се решава проблемот за здравствена заштита на жителите од источното крајбрежје на Охридското Езеро.
-Во нашето село повеќе од година и пол нема матичен лекар, откако докторката која ја имаше земено амбулантата под концесија, се откажа од работата тука, бидејќи не и било исплатливо. Ние бараме од надлежните во здравствениот сектор да обезбедат селската амбуланта да работи постојано како дневна амбуланта, бидејќи истата ќе ги обезбеди со основна здравствена заштита и соседните села, велат жителите на Пештани.
Дека треба постојано да работи амбулантата во Пештани сметаат и жителите на Елшани.
-Постојана лекарска заштита е повеќе од потребна и за нашето село бидејќи тука има околу 700 постојани жители, од кои голем број се постари лица на кои им треба секојдневна лекарска нега. Добро би било да проработи амбулантата во Пештани за да не мора за основни прегледи да патуваат до Охрид, велат елшанци. Со слично барање се и жителите на селото Коњско, кои успеавме да ги исконтактираме.
Почести контроли или дневни амбуланти
Жителите на Вапила и Ливоишта не информираа дека во неколку наврати во нивните села биле организирани прегледи од проектот „Рурален доктор“, но сметаат дека ваквите контроли треба да бидат почести, бидејќи во селата живее претежно повозрасно население кое има потреба од редовни лекарски прегледи.
Од селото Куратица пак не информираа дека по иницијатива на Месната заедница, од 2012 година е обезбедена здравствена заштита за жителите на селото од страна на приватна поликлиника од Охрид, која испраќа медицински тим во селото 2 пати во неделата. Истата приватна поликлиника веќе пројавила интерес и за отварање на рурална амбуланта, која освен жителите на Куратица, би ги опслужувала и жителите на Свињишта, Завој, Речица и Опеница.
На територијата на општина Дебарца постојана примарната здравствена заштита е обезбедена во речиси сите села од северниот дел на општината, каде што работат тројца матични лекари, но примарна здравствена заштита немаат жителите во јужниот дел на општината, односно селата Мешеишта, Требеништа, Волино, Оровник, Горенци и Климештани.
–Лекарските контроли се постојана и секојдневна потреба и не може да се реши со повремени посети од медицинска екипа од „Рурален доктор“. Сметаме дека потребно е повторно да се стават во функција дневните амбуланти, каде што ќе има вработено по еден лекар и медицинска сестра, велат жителите на Мешеишта.
Матичните лекари немаат интерес
Од Здравствениот дом во Охрид велат дека тоа што селските амбуланти не се издадени под концесија се должи на слабиот интерес на матичните лекари.
-Матичните лекари немаат интерес да ги земат под концесија селските амбуланти бидејќи со висината на месечната капитација, не можат да ги покријат сите трошоци кои се потребни за работење на амбулантата. Исто така голем проблем е тоа што и дел од жителите на селата каде што претходно имаше матични лекари, не се запишуваа кај матичниот лекар кој работи во селото, туку се запишуваа кај матични лекари во Охрид. Токму поради тоа и дел од лекарите не можеа да соберат пациенти од селата, за да работат рентабилно, вели Митко Дабески, директор на Здравствениот дом во Охрид.
Според него проектот „Рурален доктор“ е ефективен начин за примарна здравствена заштита на жителите во селата.
-Екипата од „Рурален доктор“ започна да работи од почетокот на оваа година и работи по претходно утврден распоред. Во селата каде што има амбуланти, прегледите се прават во амбулантите, а во оние села каде што нема амбуланти се прави патронажна посета, вели Дабески.
Тој појаснува дека преку овој проект на жителите во селата им се обезбедуваат основните лекарски прегледи, мерење на шеќер и холестерол, а исто така им се препишуваат рецепти и им се издаваат упати.
Е.М