Мит или суеверие, петок 13-ти, кај многумина предизвикува несфатливо чувство на страв. За ова се пишувало и зборувало многу, но еве мало потсетување на митовите и верувањата поврзани со „баксузниот“ ден.

На овој датум многумина се откажуваат од патување со авион, а некои и воопшто не патуваат. Било пресметено дека на овој ден во САД бизнисмените губат помеѓу 800 и 900 милиони долари, бидејќи многумина не ни помислуваат за своите работни места.

Има повеќе верувања за потеклото на суеверието за петок 13-ти:
– Ева во рајот го измамила Адам со јаболкото токму во петок.
– На тајната вечера присуствувале 13-мина — Исус и 12-те апостоли. Се смета дек Исус Христос е распнат токму во петок.
– Според некои, петок 13-ти се должи на еден древен скандинавски мит, според кој 12 богови празнувале во Валхала, домот на богот Один. Богот на злото и оганот Локи кој не бил поканет, наеднаш се појавил во домот на Один и го убил богот на радоста Балдер. Земјата веднаш потонала во мрак.
– На 13-ти октомври 1307 година по наредба на францускиот крал Филип IV и папа Климент V биле затворени Жак Де Молеј, големиот мајстор на орденот на темпларите и илјадници рицари од орденот. Овие затвореници биле подложени на големи мачења, биле прогласени за еретици и секакви други прекршоци кои биле во спротивност со црквата во Рим. Така, многу од тие рицари биле изгорени на клада или екзекутирани. Од тој ден па натаму, петок 13-ти бил сметан за лош и несреќен ден.
– Во древен Рим магионичарите се собирале во групи од по 12 луѓе. Се верувало дека тринаесеттиот во групата бил самиот ѓавол.
– Според нумеролозите бројката 13 „страда“ поради неговата позиција после бројот 12. Така на пример постојат 12 месеци во годината, 12 хороскопски знаци, 12 богови на Олимп, 12 племиња на Израел, 12 апостоли на Исус. Во картите Тарот 13-та е картата на смртта.
– На тој ден се случила библиската поплава.
– Каин го убил Авел.
– Бог на петок 13-ти ги измешал јазиците на Вавилонската кула.

Стравот од бројот 13 е многу актуелен и во денешно време. Повеќе од 80% од високите згради немаат 13-ти кат. Многу авиони го пропуштаат својот лет на 13-ти, посебно во петок. Во Формула 1 на пример не постои болид со бројот 13. Улиците во Фиренца го испуштаат бројот 13. На 13 април 1970 година експлозија на кислороден резервар ги променува плановите на Аполо 13 за лет кон Месечината. Часот на поаѓање на Аполо 13 е 13:13 според американско време. Имињата на некои од најпознатите сериски убијци содржаат по 13 букви: Jack the Ripper, John Wayne Gacy, Charles Manson, Jeffrey Dahmer, Theodore (Ted) Bundy…

OhridNews