Автор на првонаградениот  расказ „Трансакција“  кој годинава ја добива наградата „Живко Чинго“ е  Петре Димовски.

Комисијата која ги оценуваше пристигнатите раскази, по објавениот конкурс, го објави името на авторот на најдобриот расказ по докажувањето на авторството со четвртиот примерок од пријавениот расказ.

Како што претходно изјави трочлената жири комисија во состав Славе Ѓорго Димоски, Ирена Бачиќ и Зоран Јакимоски, расказот „Трансакција“ обработува современа , урбана тема, во која на некој начин секој може да се препознае .

-Двата лика во расказот се типови од нашето секојдневие и ги препознаваме на секој чекор и при секоја средба со нив. Јазикот на кој е пренесена приказната е лесно прифатлив, близок до поширока читателска публика, така што придонесува содржината да се восприми во еден здив, истакна  претседателот на жири комисијата, Славе Ѓорго Димоски. 

Наградата за најдобар расказ на авторот  ќе му биде врачена во рамки на традиционалната манифестација „ВЕЧЕР НА ЖИВКО ЧИНГО“,  што ќе се одржи утревечер во манастирскиот комплекс „Св. Петка“ во Велгошти, родното место на Живко Чинго. 

OhridNews