Општина Охрид работи во согласност со законите и ги почитува важечките прописи кои важат во сферата на урбанизмот, изјави градоначалникот Александар Петрески, одговарајќи на јавно искажаните забелешки на Државната комисија за спречување на корупцијата, дека  Охрид е еден од центрите каде што има корупција и криминал.

-Кај нас до сега не пристигнало никакво известување за коруптивно однесување на администрацијата, а претставка до Антикорупциската комисија може да поднесе секој граѓанин. – истакна Петрески.

Градоначалникот на Охрид вели дека локалната самоуправа не гради дивоградби, туку тоа го прават инвеститорите, а нив треба да ги санкционира градежниот инспекторат кој е во надлежност на државата. Според него, доколку државата навистина сака сака да се бори против корупцијата, треба да ја провери работата на Проектот за заштита на Охридското Езеро со кој раководеше Дејан Паноски, сега советник од редовите на ВМРО ДПМНЕ.

-Доколку Антикорупциската комисија сака да бара корупција може да провери како течеше 10-годишниот Проект за заштита на Охридското Езеро, бидејќи се потрошени милиони евра, а Охрид не виде конкретни резултати од тоа, рече Петрески.

Според градоначалникот на Охрид,изјавата на претседателот на Антикорупциската комисија, Селами, за корупција во урбанизмот во Охрид била несреќна изјава која му нанела голема штета на градот, а тој најави и дека општината ќе поднесе кривични пријави против сите оние кои го етикетирале Охрид како град каде царува корупцијата.

OhridNews