Градоначалникот на општина Охрид, Александар Петрески, денес уште еднаш упати апел да се среди, како што рече, хаосот со пловните објекти во Охридското езеро.

–    Вчерашниот трагичен настан, во кој загина едно лице, е уште едно предупредување за тоа што може да се случи кога власта зазема несериозен однос кон едно толку важно прашање, какво што е безбедноста на Охридското езеро.Со недели предупредувавме дека во Охрид владее хаос со пловните објекти.  Капетанијата не може ефикасно да ја извршува својата функција и да ја контролира ситуацијата, бидејќи е обезглавена. Власта со месеци не именува капетан на оваа институција, откако досегашниот Настоски, го однесе новиот бран на ВМРО – ДПМНЕ, рече Петрески на прес- конференцијата оддржана пред охридската Капетанија на пристаништа. 

Според него, забраната за пловидба на скутери сама по себе нема да ја зголеми безбедноста на езерото и затоа потребна е присутност на инспектори од  капетанијата и од министерството за внатрешни работи.

–    Охрид е преполн со туристи, кои очекуваат дека дошле да се одморат, а не да стравуваат да не ги прегази некој скутер. Сакаме да го потсетиме министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски, дека тој беше министер и кога се случи најголемата трагедија со потонувањето на бродот „Илинден“, која остана како црно петно на охридскиот туризам. Тогаш неговата одговорност заврши со неприфаќањето на оставката од страна на премиерот Груевски. Сега тој само пред 2 дена повторно не уверуваше дека имаат контрола на безбедноста во езерото, додаде Петрески.

OhridNews