Како што е познато, во овие три училишта, вклучувајќи го и ОУ “Св. Климент Охридски”, по претходно дадената писмена согласност од страна на градоначалникот, во тек е постапката за избор на нови директори поради истекот на мандатот на оние кои до сега ја вршеа оваа функција.
Градоначалникот Александар Петрески, кој претходно во неколку наврати потенцираше дека е задоволен од работењето на првите луѓе на основните училишта во Охрид, денес и јавно призна дека оставките се обид, на распишаните конкурси, повторно да бидат избрани до неодамна актуелните директори.
– За жал постои ограничување во Законот за основно образование според кое не може да биде избран директор на училиште кој веќе последователно, два мандати по ред ја извршувал оваа функција. Ако може пратеник неколку пати да биде избран или пак премиер, зошто да не може и директор на училиште. Од тие причини пред завршување на нивниот мандат, директорите на овие училишта во Охрид дадоа оставка, со цел да не го завршат вториот мандат и согласно тоа да може да се пријават на новораспишаниот конкурс, изјави Петрески.
Како што потенцира градоначалникот, од негова страна на досегашните директори не им било ветено дека тие повторно ќе бидат избрани на распишаните конкурски, но ако се пријават нивните кандидатури сериозно ќе бидат разгледани од негова страна.
– Сите заинтересирани кои ќе се пријават на конкурсот имаат еднакво право да бидат избрани. Како што налага процедурата, училишниот одбор на училиштето треба имињата на соодветните пријавени кандидати да ги достави до мене како градоначалник. Ако досегашните директори се најдат меѓу предложените, од моја страна нивната кандидатура ќе биде сериозно разгледана, затоа што сум задоволен од нивното досегашно работење, рече Петрески.
Претходно, по оставката на Оливија Пирузева- Јанева, ВД директор доби Основното училиште “Христо Узунов”, а минатата недела поставен беше ВД директор и во ОУ ” Братство и единство”, каде оставка на функцијата директор поднесе Осман Османи.
Согласно законската процедура, пријавените кандидати на распишаните огласи за избор на директор на основните училишта, се разгледуваат и селектираат од страна на надлежната комисија во училиштето, а имињата на кандидатите кои ќе се изберат како најсоодветни за извршувањето на директорската функција потоа треба да се испратат до градоначалникот кој ќе ја донесе конечната одлука.
Постапката за избор на директор во четирите основни училишта е во тек, независно што во три од нив веќе се поставени вршители на должност.