Кредитот од Европската банка во висина од 4 милиони евра одобрен на МЈП „Проаква“, минатата деценија, не е искористен наменски  и наместо да го подобри функционирањето на претпријатието, го загрозува неговото работење,  тврди градоначалникот на Охрид, Александар Петрески.

-Тој кредит беше земен за подобрување на работењето на „Проаква“, но претпријатието од тогаш работи многу полошо затоа што со него е направен најголемиот криминал во историјата на Охрид. При изведба на инфраструктурните проекти финансирани со овој кредит поставени се цевки со помал профил и послаб квалитет кои често пукаат и треба да се заменат, што значи наместо придобивка имаме загуба, вели Петрески.

Тој ја повика државата да го рачисти случајот  за кој биле известени сите надлежни институции.

-Го известивме премиерот, испративме извештај до Финансиската полиција и очекуваме конечно државата да го расветли тој случај, затоа што не е направено тоа што е платено со кредитот кој ќе се отплаќа до 2015 година, од што  произлегува и негативното работење на „Проаква“, изјави Петрески.

Вкупните долгови на „Проаква“ се проценуваат на околу 5,5 милиони евра. За дел од нив Градоначалникот на Охрид ја обвинува државата, поради неучество во изградбата и одржувањето на колекторскиот систем, што според него е во нејзина надлежност. Тој истакна дека при поплавите од пред две години Колекторот претрпел штети во висина од 700.000 евра, но иако била извршена проценка, меѓуопштинското јавно претпријатие сеуште не добило отштета од државата.

Г. Момироски