Поскапувањето на ценатана водата е неопходно и произлегува од обврските што државата и локалните самоуправи на Охрид и Струга како основачи на меѓуопштинското претпријатие „Проаква“ ги имат преземено за реализација на МЕАП проектот во 2001 година во рамки на кој е подигнат кредит од Европската банка за обнова и реконструкција  во висина од 4,7 милиони евра. Вака градоначалникот Петрески го образложи предлогот за поскапување на водата во Охрид за околу 20 проценти, што ќе се најде на дневен ред наредната седница на Советот. Тој посочи дека согласно преземените обврски извршени се неколку корекции на цената на водата, а преостанува уште последното покачување од 20 отсто што требало да биде направено уште во 2001 година.

-Овие обврски произлегуваат врз основа на одлука на тогашната Влада предводена од ВМРО ДПОМНЕ и тогашниот министер за финансии, денес премиер, Никола Груевски и градоначалниците на општините Охрид и Струга исто така од редовите на ВМРО ДПМНЕ, со што Проаква се обврзува да земе кредит од Европската банка и да ја ја поскапи цената на водата за 30, 40 и уште 20 проценти. Првите две поскапувања се извршени, а не е направено поскапувањето од 20 проценти на што укажува надлежниот  Државен инспекторат уште во 2009 година, објасни Петрески.

Тој посочи дека вакви договори имаат склучено и општините Велес, Штип и Струмица и дека општина Охрид има пониска цена на водата од нив.

– Со најавеното поскапување за 20 проценти цената на водата во Охрид ќе се зголеми од 25,50 на 28,50 денари, но повторно ќе биде поевтина од Велес 30,4, Штип 35,5 и Струмица 31,2 денари за кубик, кои исто така се дел од МЕАП проектот, рече Петрески.

Тој објасни дека доколку реално се пресметува цената на водата и се земе предвид поскапувањето на електричната енергија што има голема улога во формирање на цената, истата треба да изнесува повеќе од 40 денари.

-Имајќи ја во предвид економската моќ на граѓаните и кризата, ние ги намаливме цените на сите даноци и ги сведовме на минимум, но државата за разлика од нас не се откажа од акцизите и екстра профитот од продажба на електричната енергија и на горивата, што го оптоварува работењето на стопанството и јавните претпријатија, но пред се буџетот на граѓаните, истакна Петрески.

Според предлогот на општината покрај водата, се предвидува поскапување на комуналните услуги за 9 отсто, на услугите на Нискоградба околу 15 проценти, а се утврдува и годишен издаток за одржување на гробиштата од околу 1000 денари.

Најавените нагорни корекции на јавните услуги според градоначалникот се оправдани, а нападите што на адреса на општината ги упати опозицијата во Советот неосновани. Тој ја повика ВМРО ДПМНЕ протестот наместо кон Локалната самоуправа да го усмери кон Владата, која според него е одговорна за поскапувањата на енергенсите и јавните давачки.

Од ВМРО ДПМНЕ остануваат на ставот дека најавениот бран поскапувања се должи на недомаќинското работење на општината и превработеноста и нефункционалноста на јавните претприја.

– Зошто досега не била извршена корекција на цената на водата доколку со договор општината била обврзана тоа да го направи многу порано? Не треба да се заборава дека во договорот кој се спомнува стои дека не треба да има оптоварување на Проаква со нови вработувања, а ние имаме превработување што го отежнува работењето на јавното претпријатие. Исто така иницијативата за раздружување на Проаква не е дел од договорот, па сега нека каже Локалната самоуправа кој дел од договорот всушност го почитува, освен делот за поскапување за да ги покрие дупките во работењето што сама ги создаде.-истакна Дејан Паноски координатор на советничката група  на ВМРО ДПМНЕ.

Предлог одлуките за поскапување на цените на услугите на јавните претпријатија на дневен ред ќе се најдат на утрешната седница на Советот.

OhridNews