– Со денационализација на граѓаните имотите им беа вратени и тие имаат право како и другите да се урбанизира овој простор. Не може владата да се фали дека им ги враќа имотите на граѓаните, а членовите на советот претставници од таа политичка партија да гласаат против носењето на тие урбанистички планови и на судбината на граѓаните да добиваат политички поени. Јас ги подржувам граѓаните, на имотите кои им се вратени да имаат право да градат, според законските прописи. Јас како градоначалник подготвен сум да ги поставам предлог нацрт ДУП за овие два опфати на совет, тогаш кога политичките партии нема да ги кршат политичките копја на судбината на граѓаните, односно кога одлуката ќе помине на совет. Мислам дека полека се создаваат услови да бидат поставени на совет, вели Петрески.
Нацрт плановите за дел од кејот и Табана по реакциите во јавноста беа повлечени од дневен ред на седницата на Советот на општината одржана на крајот од 2010 година. Тоа предизвика негодување кај триесеттина охридски семејства, чии имоти им беа вратени по пат на денационализација и се наоѓаат во строгиот центар на градот.
Според советничката група од ВМРО- ДПМНЕ, повлекувањето на нацрт ДУП за Табана и Ривиера беше посочена како мала победа на советот, но голема за Охрид. Како што беше потенцирано од нивна страна, затоа што на Охрид не му е потребна урбанистичка деградација. Од оваа советничка група, беше побарано плановите да претрпат одредени измени, поради тоа што во одредени делови предложените урбанистички решенија имаат сериозни нарушувања во однос на урбанистичкиот изглед на Охрид.