Ставови изнесени на седница на Советот на СДСМ во Охрид, составен од поранешни видни членови во врска со евентуален самостоен настап на Петрески на претстојните локални избори, предизвика лавина реакции во охридскиот огранок на партијата. Наводно одредени членови на советот сметаат дека доколку СДСМ ги бојкотира локалните избори, Петрески треба самостојно да настапи на нив, што е спротивно на ставовите на партијата. Се обидовме да стапиме во контакт со дел од членовите на советот кои наводно имале спротивни мислења од централата, но и покрај обидите не добивме официјална потврда за заклучоците донесени на последната седница.

Од друга страна, актуелниот градоначалник Петрески и кандидат за трет мандат, најенергично ги демантира таквите ставови, кои според него претставуваат мислење на еден до двајца членови, кои наместо да извршуваат советодавна функција во партијата, во медиумите пласираат изјави зад кои ниту тој, ниту СДСМ не стојат.

-Овде се работи за лоша намера затоа што совети се даваат внатре во партија, не преку медиумите. Тоа е личен став на еден – двајца членови, а не на Советот во кој членуваат 50 членови. Јас можам да бидам кандидат за градоначалник само на СДСМ и на никој друг. Ставовите на партијата се јасни и ние нема да отстапиме ни милиметар од нив.-ни изјави во телефонски разговор Александар Петрески.

И општинскиот огранок на партијата ги отфрли изнесените ставови од поединци во Советот на СДСМ во Охрид, посочувајќи дека зад таквото мислење не стојат останатите членови од советодавното тело, и најавија дека тие кои деновиве јавно ќе го соопштат својот став во врска со случајот.

ОhridNews