Иако официјално не почнала предизборната кампања, не е распуштен ниту Парламентот, политичката атмосфера во Охрид е вжештена. Градоначалникот Александар Петрески потврди дека ќе биде на чело на Изборниот штаб на СДСМ во Охрид, напоменувајќи дека партиските обврски ќе ги извршува во просториите на огранокот на СДСМ, каде ќе ги соопшти и деталите за претстојната кампања.

-Не е коректно кон граѓаните за изборите и партискиот ангажман да зборувам во зградата на општината, но ја потврдувам информацијата дека ќе го предводам Изборниот штаб на СДСМ во Охрид, каде два пати го победив ВМРО ДПМНЕ, а тоа ќе го направам и сега, изјави градоначалникот Петрески. На средбата со новинарите, одржана деновиве, тој го образложи повлекувањето на Бранислав Трпчески од функцијата директор во МЈП „Проаква“ токму од политички причини, односно заради ангажман во Регионалниот изборен штаб на претстојните избори.

-Трчески се повлекува од функцијата на негово барање од лични причини, но и поради ангажман во претстојните избори во кои тој ќе има одговорна улога во Регионалниот изборен штаб, за што ќе му треба и одмор, објасни Петрески. Засега ниту тој, ниту неговата партија не откриваат детали околу листата на пратеници, иако во јавноста веќе се шпекулира со имиња кои би можеле да се најдат на листата на коалицијата предводена од СДСМ во 5-Изборна единица.

Претходно и ВМРО ДПМНЕ го обелодени тимот кој ќе го раководи Општинскиот изборен штаб. На негово чело ќе биде актуелниот претседател на ОК ВМРО ДПМНЕ, Атанаско Михаилов, советникот Дејан Пановски ќе раководи со Центарот за комуникации, а портпарол ќе биде Илија Мојсоски. Слично како и во СДСМ и во ВМРО ДПМНЕ официјално се воздржуваат од коментар за можните кандидати за пратеници, иако во јавноста веќе се лицитира со имиња.

Мобилно е и во ограноците на другите политички партии кои се очекува деновиве да ги објават имињата на лицата кои ќе раководат во локалниот изборен штаб.

OhridNews