Поранешниот градоначалник на Oхрид Александар Петрески, се воздржа од коментар на изјавата на директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, кој вчера изјави дека постојат основи на сомневање за извршен финансиски криминал и корупција од страна на поранешната локална самоуправа.
-Јас седум години работев под постојана контрола на инспекциските органи, државната ревизија и полицијата кои го проверуваа целокупното работење на локалната самоуправа, но останувам доследен на принципот дека нема да коментирам ништо што е поврзано со работата на општината во првите 100 дена од мандатот на новата градска власт.-изјави за OhridNews поранешниот градоначалник на Охрид Александар Петрески.
Првиот човек на Бирото за јавна безбедност вчера најави дека Министерството за внатрешни работи во соработка со финансиската полиција, јавното обвинителство за организиран криминал и СВР Охрид ќе го испитуваат работењето на претходната локална самоуправа, бидејќи одредени состојби укажувале на постоење на криминални активности во работењето.
-Засега тоа е во форма на основи на сомневање, но тоа е доволно да се интензивираат нашите активности и да ги продлабочиме истражувањата, изјави вчера Чавков.