Градоначалникот на Охрид Александар Петрески, не очекува дека смената во Капетанијата на пристаништата во Охрид ќе доведе до квалитативни промени во работата на оваа мошне важна институција.
-Имајќи искуство од тоа како власта до сега постапува, не верувам дека на раководното место во Капетанијата ќе дојде постручен човек од тоа што го имавме до сега, не верувам дека ќе има поинаков пристап и дека ќе се решаваат работите подобро, изјави Петрески.
Тој истакна дека смените со таканаречениот „Новиот бран“ се за да се покаже некаква активност пред граѓаните дека нешто се прави, но суштински ништо не се менува.
-Не очекувам напредок, ова се прави само поради промоција, а во суштина нема ништо да се случи, додаде Петрески.
Градоначалникот на Охрид предлага покрај Капетанијата на пристаништа која се грижи за сите водени површини во државата, да се оформи и градска капетанија која би била под надлежност на локалната самоуправа, со што, според него, во голема мера би се подобриле состојбите во водниот сообраќај на Охридското Езеро.