-Во Охридското Езеро недостигаат 40-на сантиметри вода и толкава количина не може да се надомести со питка вода од системот за водоснабдување, ниту со вишокот од Билјанините извори, или водата која од изворите во Бејбунар се влеваше во малиот канал, затоа што тоа се незначителни количини во однос на површината на езерото и не можат да ја поправат лошата хидролошка состојба, која е последица и на користењето на езерото за производство на електрична енергија, изјави Петрески.
Тој смета дека изнесените ставови дека урбанизацијата можеби влијае на понирањето на подземните води околу Билјанините извори, не држат и оти истите се политички мотивирани за да се дефокусира јавноста од вистинскиот проблем, односно да се амнестира од одговорност државата за лошото управување со Охридското Езеро.
Петрески објаснува дека недостигот на Вода во Билјанини извори каде капацитетот од 60-70 литри во секунда е намален на 15 литри во секунда се должи на понирање на изворските води во планината Галичица, каде нема никаква урбанизација, и дека тоа е последица на одредени природни пореметувања, кои треба да се истражат.
Во врска со изворите кај Бејбунар каде сега се гради нова населба, Петрески истакна дека пред почетокот на градежните работи општината со сопствени средства извршила испитување на теренот и открила дека тие располагаат со потенцијал од 130 литри во секунда, кои наместо рационално да се искористат, го поплавувале земјиштето.
-Општината вложи 160.000 евра и таа вода која задоволува третина од потребите на градот ја донесовме во водоснабдителниот систем, кој наместо да ги користи природните извори, влече вода од езерото, за што троши и електрична енергија. Сега наместо да го поплавува земјиштето и да создава мочуриштe таа вода се користи за водоснабдување, тврди Петрески, кој најави дека општината располага со комплетна документација за проектот, која ќе и биде презентирана на јавноста.
Според него урбанизацијата на Бејбунар нема никаква врска со намалениот водостој на каналот, затоа што водата од извориштата со цевковод е пренасочена во градскиот водовод и таа не може да го компензира недостатокот на вода во каналот Студенчишта.
-Намалениот водостој во каналот е последица на недостиг на вода во Охридското Езеро и државата треба да го преиспита начинот на кој управува со водниот потенцијал. Доколклу се нормализира водостојот на езерото и водата не се користи во големи количини за производство на електрична енергија, тогаш ќе се нормализира водостојот и во каналот Студенчишта и нема да се случуваат еколошки инциденти, додава Петрески.