Градоначалникот на Охрид Александсар Петрески ги отфрла сите шпекулации со кои деновиве се занимаваат јавноста и медиумите околу новите кадровски решенија во трите јавни претпријатија со кои раководи општината. Тој смета дека поединци пласираат  одредени информации за да се наметнат себеси како решение за некоја од јавните функции.

„Не е добро да се шпекулира и некој сам себе да се промовира, затоа што на конкурсот што го распишавме за избор на директори на јавните претпријатија до крајот на оваа работна недела не беше пријавен ниту еден кандидат“, изјави за Оhridnews, Петрески.

Тој најави дека по  завршувањето на конкурсот ќе разговара со сите кои евентуално ќе се пријават и ќе го избере најдоброто решение.

„Кој ќе има најдобра програма ќе ја добие мојата доверба. Ако не сум задоволен од квалитетот на кандидатите кои ќе се јават на конкурсот, истиот ќе го поништиме и ќе распишиме нов конкурс“, рече Петрески.

Градоначалникот посочи дека изборот на раководители на јавните претпријатија е исклучиво негова надлежност и дека за тоа не е разговарано со другите политички субјекти. „Тоа нема никаква врска со партиите и советот“, подвлече Петрески.

Тој тврди дека нема никакви притисоци од централата на СДСМ, околу кадровските решенија за јавните претпријатија.

„Немам никаков приритисок од Скопје, ниту пак имало разговор со централното раководство на партијата околу изборорот на директорите на трите јавни претпријатија“, вели градоначалникот.

Петрески потврди дека ќе уследи одредена реорганизација на локалната самоуправа, но откако ќе заврши изборот на директори на јавните претпријатија. „Размислуваме околу кадровските решенија во општинските сектори, но за тоа откако ќе заврши процедурата за избор на директори на МЈП „Проаква“, ЈП „Охридски Комуналец“ и ЈП „Билјанини извори“, истакна Петрески.

Ohridnews