-На мој предлог на вонредна седница градскиот совет донесе одлука со која општина Охрид се откажа од сопственоста над земјиштето без никаква надокнада. -вели Петрески.
Според него Владата треба да има затворена финансиска конструкција за проектите кои ги реализира, а како ќе се користат парите за комуналии треба да одлучат советниците. Петрески истакнува дека ја поддржува изградбата на комплексот на Плаошник, но не се согласува со предлогот за ослободување на државата од плаќање комуналии заради искористување на тие средства во изградба на театар, затоа што градот веќе располага со објекти за таа намена.
–Ако советниците одлучат со парите за комуналии што треба да ги уплати инвеститорот да направиме театар, ќе направиме, меѓутоа ние веќе изградивме Дом на култура со самопридонес на охриѓани кој државата ни го зеде и го смени директорот. Оваа институција треба да и се врати на општината и во нејзини рамки може да функционира театарот, а општината ќе вложува во него, вели Петрески, додавајќи дека не може еден човек да одлучува секаде како ќе се трошат народните пари.
Петрески на поставувањето темели на комплексот на Плаошник
Градоначалникот на Охрид посочува дека општината може евентуално да ја разгледа можнoста за делумно ослободување на државата од плаќање комуналии за проектот „Плаошник 2014“, но за тоа да се направи и Владата треба да покаже добра волја и да и овозможи на локалната самоуправа да земе кредит за подмирување на долговите наследени од периодот кога со градот раководеше ВМРО ДПМНЕ.
-Доколку добиеме одобрение за кредит може да размислам оние објекти кои се од јавен интерес да ги ослободам од комуналии, но не можам да ги ослободам од комуналии комерцијалните објекти кои ќе се градат на Плаошник.-директен е Петрески.
Макета на проектот „Плаошник 2014“
Охридскиот градоначалник смета дека како што државата им наплаќа давачки на граѓаните и фирмите, исто така треба да ги подмирува своите обврски, забележувајќи дека власта нема ист аршин кон сите општини.
– Не може Владата во декември месец да издвои 21 милион евра за општина Центар, а нема 1,6 милиони евра за комуналии што треба да и ги плати на општина Охрид.-вели Петрески. Тој укажува дека за изградба на комплексот на Плаошник ќе се користи тешка механизација која ќе ја оштети изградената инфраструктура и дека поправката на патиштата ќе падне целосно на грб на локалната самоуправа.
Петрески тврди дека со 1,6 милиони евра, колку што според сегашните пресметки државата треба да плати комуналии за изградба на 23-те објекти на Палошник, општината ќе може да постави улично осветлување, да ги асфалтира улиците и да донесе вода и канализација до сите населби во градот.
-Јас би го направил тоа наместо тие пари да ги потрошам во изградба на објект за театар, дотолку повеќе што во градот веќе постојат објекти каде може да се смести оваа институција, како што е поранешниот Дом на АРМ, кој ние со години бараме да ни се врати. Универзитетот за информатички технологии треба да се пресели во Касарната, а во Домот на АРМ да се смести театарот кој со оглед на атрактивноста на просторот ќе може лесно да се самофинансира, истакнува градоначалникот Петрески. Тој смета дека решение за комуналиите на Плаошник, како и за сите отворени проблеми може да се најде со дијалог и комуникација која според него не постои, а не со партиски наредби и предлози кои не се во интерес на граѓаните.