Нов В. Д. Директор на МЈП Проаква е назначен Златко Старкоски. Ова денес на прес конференција го соопшти градоначалникот Александар Петрески. Досегашниот директор , Бранислав Трпчески, останува во јавното претпријатие како советник на новиот директор и координатор на градоначалниците од Охрид и Струга.

Како што изјави Петрески, Трпчески поднел оставка поради приватни причини, но и поради активностите околу претстојните предвремени парламентарни избори.


Досегашниот директор за претстојните парламентарни избори ќе има многу активна улога во регионалниот изборен штаб, што наметнува голем број обврски за чие извршување ќе му биде потребно повеќе време, поради што и ќе користи годишен одмор, објасни Петрески.

Јавното претпријатие ќе продолжи  да работи според досегашниот тек и кадровските промени нема да имаат влијание. Градоначалникот нагласи дека во наредниот период ќе се интензивира целта- меѓуопштинското претпријатие да се раздружи,односно да се формираат нови јавни претпријатија-  ЈП „Водовод“ Охрид, ЈП  „Водовод“ Струга и меѓуопштинското јавно претпријатие кое ќе стопанисува со колекторот.

Одлуката за раздружување на препријатието е донесена на седница на Советот на Општина Охрид. На истото мислење е и  струшкиот градоначалник Рамиз Мерко. Што побргу се реши ова, толку подобро за граѓаните, рече Петрески. Тој нагласи дека водоводите Охрид и Струга немаат никаква допирна точка. – Не се поврзани меѓу себе, имаат посебни извори. Водоводите во Охрид се снабдуваат од други извори за разлика од Струга. Ние,  како општина Охрид бараме да имаме посебно претпријтие за водовод од едноставна причина- парите кои ги плаќаат  охриѓани за вода, сакаме да останат во општинскиот буџет, додаде Петрески.

Т. К.