Градоначалникот на општина Охрид, Александар Петрески најави покренување на судска постапка поради одземањето на ингеренциите за издавање на одобрение за градба за проектот на Плаошник, за кои тврди дека неодамна со одлука на Владата и се одземени на општина Охрид и му се предадени на Министерството за транспорт и врски, со објаснување дека станува збор за земјиште од национален интерес.

Според Петрески, ваквиот потег на Владата е само уште една потврда дека на Охрид му се прави класично економско ембарго.

Во решението донесено од страна на Владата стои дека општината има можност за жалба во рок од 15 дена. Ние ја обжаливме одлуката, но уште недобиен одговор од второстепената комисија тие издадоја одобрение за градба, спротивно на законот, вели Петрески.

Од министерството за транспорт и врски пак објаснуваат дека не станува збор за одземање на ингеренциите на општината за издавање на одобрение за градба.

Со оглед на тоа дека се работи за објект од прва категорија, локалната самоуправа нема надлежност за издавање на одобренија за градење, туку истото е надлежност на Министерството за транспорт и врски. Согласно Законот за градење за објекти од прва категорија градежно-техничката документација ја издава Министерството за транспорт и врски, а за објекти од втора категорија истата ја издава локалната самоуправа, односно општината, велат од надлежното министерство.

Врз основ на комуналии за изградба на комплекост на Плаошник општината очекуваше прилив во буџетот во висина од милион и 600.000 евра. Плаќањето на комуналии веќе подолго време беа причина за меѓусебни обвинувања на релација централна- локална власт.

Во март годинава, градоначалникот изјави дека од страна на општината сеуште не е дадено одобрение за градба на комплексот, затоа што комуналиите не се платени.

– Според Законот за градба секој кој гради без соодветна дозвола, ќе одговара пред законот. Одобрение за градба на Плаошник општината нема издадено, со оглед дека за давање на такво одобрение мора комуналиите да бидат платени. Досегашните активности на просторот ги сметам за подготвителни. Доколку се обидат да градат без одобрение,  инспекториите ќе го затворат градилиштето и ќе се поднесат соодветни пријави против инвеститорите, рече тогаш Петрески.

OhridNews