Градоначалникот на општина Охрид, Александар Петрески, поднесе кривична пријава против Буџакоски Љубен, советник во општина Охрид и жител на селото Лескоец, поради изнесување невистини и основано сомнение дека во неколку наврати на 26 и 27 мај ги повикал и организирал на непослослушност жителите од Лескоец.

Како што рече Петрески, постојат сознанија дека Буџакоски ги повикал жителите на Лескоец да не ги плаќаат сметките за потрошена вода на МЈП Проаква со образложение  дека одлуката за превземање и стопанисување со водоводот од страна на Проаква е незаконска, иако знаел дека е одлуката е донесена согласно законските прописи и одлука од советот,  со претходно добиена согласност од жителите на селото.



–  Жителите со години се соочуваа со проблеми во вододснабдувањето и затоа во 2008 со одлука на советот и согласно законските прописи, јавното претпријатие го превзеде водоводот, инвестирајќи околу 1, 5 милиони евра во изградба на водоводниот систем и канализационата мрежа. Поминаа три години и сега пред избори го актуелизираат прашањето и ги повикуваат граѓаните на непослушност за да добијат политички поени. Поени повеќе не се добиваат со неплаќање вода, рече Петрески.

Вчера, жителите од Лескоец со протест го изразија незадоволството поради тоа што советот не ја усвои предлог одлуката  за поништување на одлуката за превземање на водоводот од МЗ Лескоец и отстапување на МЈП Проаква. Тие тврдат дека јавното претпријатие, по превземањето на водоводот не ги исполнало наведените услови во договорот за приклучување на сите домаќинства кон новиот водоводен систем, поради што голем број од нив и понатаму имаат проблеми со водоснабдувањето и затоа одбиваат да ги плаќаат сметките за потрошена вода.

OhridNews