Донесувањето на сега веќе оспорениот Детален урбанистички план за Урбабата единица 8, со кој се предвидува изградба на елитна станбена населба во населбата Бејбунар, отвори нова вербална војна на релација централна-локална власт. Одлуката на Државниот инспекторат за локална самоуправа за запирање на примената на посочениот ДУП, според општината сериозно ќе ја загрози најголемата градежна инвестиција во Охрид.


Бејбунар-нов камен на сопнување помеѓу локалната и централната власт

„Во време кога во светот стагнираат инвестициите во градежништвото, власта попречува реализација на проект вреден 100 милиони евра, од кои 10 милиони би се слеале во општинската каса со што му се оневозможува на градот да ги врати наследените долгови“, изјави градоначалникот на Охрид, Александар Петрески.

Петрески обвини дека министерствата за локална самоуправа, за транспорт и врски и за култура против градот Охрид водат хајка поради што општината ќе бара кривична и политичка одговорност од сите инволвирани во случајот „Бејбунар“. Преку ЗЕЛС ќе иницираме покренување постапка за интерпелација на министрите кои го кочат развојот на Охрид рече Петрески. Според него не држат објаснувањата на власта дека  ДУП за Бејбунар е оспорен поради претпоставките дека просторот каде е предвидена изградба на 39 згради е потенцијално археолошко наоѓалиште.

– Иако во раговорите со премиерот и директорот на Управата за заштита на културното наследство, понудивме  при изведувањето на градежните активности да се врши непосредна контрола од стручни лицa од Заводот и Музеј од Охрид, власта и натаму продолжува да ја попречува реализацијата на ДУП-от кој е донесен врз основа на ГУП одобрен претходно од надлежните институции, рече Петрески.


Оспорениот ДУП за населбата Бејбунар

Донесената одлука  Министерството за локална самоуправа ја објаснува со тоа дека посочениот ДУП, Советот го донел без согласност од Министерството за транспорт и врски, која прво била дадена, а потоа повлечена. Според раководителот на Државниот инспекторат за локална самоуправа, Ромео Деребан,  за повлекувањето на согласноста Министерството за транспорт телефонски и писмено ги известило градоначалникот и претседателот на Совет на 21.10.2008. И покрај тоа на 24.10.2008 година Советот на општина Охрид го донел ДУП за Бејбунар, со што според Министерството за локална самоуправа прекршен е законот, поради што се запира неговата примена. Министерството за локална самоуправа најави дека ќе покрене  постапка пред Уставниот суд за оценување на законитоста на донесениот ДУП за Бејбунар.

Пред Уставниот суд ќе се жали и Локалната самоуправа која смета дека одлуката на Државниот инспекторат за локална самоуправа е незаконски донесена.

Ohridnews