Актуелниот градоначаник на Охрид, Александар Петрески, се надева дека на 23 декември кога партиската централа во Скопје ќе го даде конечниот збор, ќе биде единствениот кандидат за градоначалник на Охрид.

„Мислам дека и останатите тројца  кандидати утврдени на општинската конференција на СДСМ ми ја дадоа комплетно поддршката и ќе бидам единствениот кандидат “, изјави Петрески.

Тој кажа дека  согласно статутот на партијата, сите кандидати за градоначалник и за советници кои се избрани во месните организации треба да бидат испратени во Скопје. „Статутарноста мора да се испочитува“, рече Петрески.

На прашањето дали ќе се обиде да настапи како независен кандидат доколку матичната партија  не се одучи за него, градоначалникот одговори оти сепак се надева дека ќе биде избран.

„Во секој случај, како актуелен градоначалник, со мојата работа и однесување докажав дека сум градоначалник на  сите граѓани на Охрид и сигурно дека  ќе ја побарам довербата од сите граѓани, без разлика на нивната политичка припадност или неприпадност, зашто има и такви“, изјави градоначалникот Петрески.

Како што веќе објавивме, на 23 декември ќе се знае конечно кандидатот за градоначалник на Охрид и листата на советници од редовите на СДСМ.

Општинската организација на СДСМ за кандидати за градоначалник, покрај актуелниот прв човек на општинава ги утврди и претседателот на советот, Владо Чингоски, директорот на МЈП„Проаква“, Бранислав Трпчевски и лидерот на партијата во Охрид и пратеник во Парламентот, Томе Чингоски.   

А. Ристоска