– Ако ме прашате сега дали ќе се кандидирам за градоначалник, повеќе сум дека нема да се кандидирам отколку дека ќе се кандидирам, во овој момент. Меѓутоа можам да кажам дека е уште рано за тоа да се зборува, пред се во овој мандат сакам да ги реализирам проектите кои ги имам зацртано. Најважно од се е да сме здрави и живи, а амбициите ќе ги оставаме за подоцна, изјави Петрески.
Како приоритет во годината што започна Петрески ги има долгонајавуваните проекти, како изградбата на пазарот, автобуската станица, изградба на неколку катни гаражи и домот на пензионери, кои, како што напомена, досега не биле реализирани поради тоа што општината не била влезена во втора фаза од децентрализација.
-Мислам дека имаме време до почетокот на новата туристичка сезона да ги изградиме проектите што не успеавме да ги завршиме минатата година поради тоа што Охрид не влезе во втора фаза на децентрализација во 2011-та, додаде Петрески.
Градоначалникот е оптимист дека 2012 година ќе биде успешна за охридскиот туризам, но според него тоа не е доволно за економски развој.
-Посетеноста за новогодишните празници и најавите за Водици ни дава за право да бидеме оптимисти дека ќе имаме подобра туристичка сезона и дека Охрид 365 дена ќе биде туристичка дестинација, меѓутоа секако дека Охрид не може да живее само од туризмот и се надевам дека конечно ќе се решат проблемите и во другиот дел од стопанството и ќе заживеат ЕМО, Застава, Езерка и другите стопански субјекти, рече Петрески.