Охрид заслужува многу повеќе и на кандидатската листа за пратеници требаше да добие повеќе од едно место, пред се поради успешното работење на општинската организација. Но, во една коалиција секогаш поголемиот дава на помалиот, некогаш и повеќе од колку што реално треба коалиционите партнери да добијат, рече на денешната прес- конференција шефот на изборниот штаб на СДСМ- Охрид, Александар Петрески.

Тој потенцира дека е добиено ветување дека по победата на претстојните избори, односно добивањето на извршната власт од страна на СДСМ, на Охрид ќе му биде возвратено со неколку раководни позиции- министерски места, како и раководители на јавни претпријатија. 


Петрески нагласи дека меѓу членството на СДСМ сега постои единство како никогаш досега и дека се шпекулации гласините дека по објавувањето на кандидатските листи за пратеници, дошло до раздор и спротиставени ставови меѓу членовите.

Ваквата изјава ја поддржа и претседателот на ОО на СДСМ, Науме Јованоски, кој истакна дека не треба никој да се сомнева дека на 5- ти јуни ќе го победат ВМРО- ДПМНЕ.

Шефот на изборниот штаб на СДСМ ги повика шефовите на изборните штабови од останатите политички партии во Охрид на заеднички состанок, на кој би се разговарало околу текот на изборната кампања, се со цел таа да протече во фер и демократска атмосфера. Петрески потенцира дека изборните рекламни материјали ќе може да се поставуваат на четири локации во градот- на булеварот Туристичка, на оградата од основното училиште Григор Прличев, кај хотел Палас, во Воска и на влезот во Охрид.

Изборната трка ќе се води во самиот ек на туристичката сезона. Затоа сите како жители на Охрид треба да се погрижиме градот во што поубаво светло да се претстави пред гостите. Затоа рекламните материјали ќе можат да се  ставаат само на четири локации. Ќе се превземаат санкции кон секој поединец или политичка партија која нема да ја почитува таа одлука, рече Петрески.     

Во врска со одржувањето на предизборните митинзи, Петрески уште еднаш потенцира дека одлуката донесена на совет важи за сите политички партии и дека не отстапува од ставот дека тие не треба да се одржуваат на градскиот плоштад.

Со ваквата одлука не се согласија ниту од ВМРО- ДПМНЕ, ниту од СДСМ. Но, за мене пред се важни се интересите на граѓаните. Доколку ВМРО- ДПМНЕ не сака митингот да го одржи на градскиот полигон и има барање за друга локација, ваквото барање ќе го разгледам само доколку ми се испрати во писмена форма, потенцира Петрески.

OhridNews