– И последниот тендер за продажба на ЕМО- Охрид беше неуспешен. Причината ја гледам во тоа што условите под кои Владата ја нудеше компанијата се неиздржани. Ниту еден инвеститор не би купил компанија со толкави долгови, и тоа под услов да ги задржи вработените во наредните неколку години, особено кога постојано по партиска линија се вработуваат нови луѓе во ЕМО- Охрид. Истовремено, плати не им се исплаќаат на вработените, со што само се зголемуваат обврските на компанијата, вели Петрески.
Последниот, шести обид за продажба на загубарот „ЕМО-Охрид“ пропадна откако ниту една компанија не достави понуда на распишаниот тендер. Интерес за купување на ЕМО покажа единствено една турска компанија, која подигна и тендерска документација. И покрај тоа, по направената ревизија за состојбите во фирмата, турските инвеститори поради огромните долгови очигледно не најдоја интерес да го купат некогашниот гигант во електроиндустријата.
Вкупната загуба на ЕМО минатата година изнесуваше 3,8 милиони евра, додека за годинава беше најавено намалување на загубата за 25 проценти.
Сега се чека Владата да одлучи што понатаму со судбината на оваа компанија.