Градоначалникот Александар Петрески тврди дека градежните работи за возобновување на Свети Климентовиот универзитет  на Плаошник, се изведуваат на диво, без соодветно одобрение за градба издадено од страна на локалната самоуправа. 


До сега од министерството за култура немаат подигнато одобрение за градба, се прават без одобрение. Ако кажуваат дека градат со одобрение на министерството за транспорт и врски, тоа значи дека е заобиколена локалната самоуправа и дека градат без одобрение за што ќе одговараат. На сите им кажуваат не треба да се гради незаконски, а тие градат без дозвола. За тоа имаме поведено и судска постапка, вели градоначалникот Петрески.


 Директорот на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман, ваквите тврдења ги демантира и отфрла како целосно невистинити.


Градоначалникот ја лаже јавноста. Одобрение за градба имаме добиено уште пред година и половина, согласно законот, од министерството за транспорт и врски. Апсурдно е да се помисли дека толку значаен проект би се започнал да се гради без соодветна документација. Срамота е  градоначалникот да изнесува вакви лаги, вели Кузман кој воедно ги отфрла и тврдењата на градоначалникот дека проектот чини 43 милиони евра, потенцирајќи дека изградбата ќе ја чини државата околу 9 милиони евра.

Како што е предвидено, на Плаошник треба да се изградат 23 објекти, меѓу кои Богословски факултет, музеи, галерија на икони, споменик на Св. Климент, црковна резиденција, конаци и други објекти.

Изградбата на целокупниот проект на Плаошник, според првичните планови, предвидено е да заврши во 2014 година.

OhridNews