Деталниот урбанистички план  за плоштадот, каде што е предвидено преуредувањето на Летница е изменет во 2000-та година кога на власт, во државата и општината беа кадри ВМРО ДПМНЕ–изјави денеска градоначалникот Александар Петрески како одговор на обвинувањата од пратеникот Александар Николоски, дека го уништувал Охрид.

 –Од друга страна, факт е дека станува збор за приватен имот и сопственикот на тој имот како секој граѓанин има законско право да одлучи и бара кога и колку ќе инвестира во нешто или гради во согласност со она што некој го одобрил и што е на снага. Значи, ниту станува збор за инвестиција од општината со пари на граѓаните, ниту е одлука и желба на општината да се прави она за кое зборувал Николоски врз база на податоци фабрикувани во партиските кујни, а не од надлежните служби на општината. –рече Петрески.

Тој нагласи дека актуелната локална власт во Охрид ниту го има ставено на дневен ред прашањето за плоштадот ниту се занимава со него, бидејки станува збор за строго заштитена зона за која мислења и одобренија даваат Заводот и Музеј од Охрид и Министерството за култура.

-Овој град има други приоритети. Треба прво да завршиме со улиците и тротоарите, со канализациите и со водоводите, како и друга важна инфраструктура. Тоа се проектите на општината на кои ние им даваме приоритет, па потоа следи уредување на плоштади, поставување споменици, фонтани. Јас сум против да се вложува во културна инфаструктура пред да се решат прво животните потреби на граѓаните. Не може да прaвиме прво кров на куќата па после да ставаме темели.-рече Петрески.

Е.Е.