Поранешниот градоначалник на Охрид Александар Петрески, кој вчера во полиција пријавил обид за физички напад врз него, вели дека верува во институциите на системот и очекува случајот брзо да биде расчистен.

Тој денеска уште еднаш истакна дека за сите детали поврзани со инцидентот ги запознал истражните органи, но и оти останува на ставот дека во јавноста се изнесени невистинити информации за немилиот настан за што тој ќе бара одговорност на суд.

-Искажани беа невистини за споменатиот настан поради што јас сум приморан да го заштитам својот углед. На суд тие што ги изнесоа таквите работи ќе треба да докажат од каде им се информациите за настанот пред надлежните органи да се произнесат за истиот и да ја потврдат нивната веродостојност. – изјави Петрески.

Од СВР Охрид информираат дека веднаш по добивањето на пријавата за загрозување на сигурноста, полицијата постапила согласно своите овластувања. Портпаролот Стефан Димоски истакна дека во врска со случајот повикани на разговор во полицијата биле повеќе лица и се работи на расветлување на инцидентот.

OhridNews