Ме обвинуваат дека ги спречувам владините инвестиции во Охрид, но јас и понатаму стојам на ставот дека тој што кочи е централната власт. Не само што нема пречки од локалната, туку од наша страна има позитивен став за секоја инвестиција од владата, изјави денес градоначалникот на општина Охрид, Александар Петрески .

При тоа градоначалникот, изнесеното го поткрепи со вчерашното потпишување на решението за утврдување на правниот статус на бесправен објект, односно документот за легализација на спортската сала во Велгошти.

– Од страна на Агенцијата за млади и спорт беше побарана легализација на објектот. При тоа потпишав и документ за ослободување од плаќање на комуналии за спортската сала, затоа што ценам дека за објектите наменети за потребите на учениците и за спортување не треба да се плаќаат комуналии. Ме обвинуваа дека ја кочам таа работа, но ова е доказ дека не е така. Сега поднесоја барање за легализација, па затоа сега и дадов согласност. Ако претходно постапев поинаку, тогаш кривично ќе ме гонеа за незаконско работење, рече Петрески.

Тој уште еднаш нагласи дека причина што сеуште не се изградени новиот пазар и автобуска станица е што централната власт не го има дадено правото на располагање со овие локации кои и понатаму се во државна сопственост.

– За да се добие одобрение за градба мора да се има правото на сопственост, не може да се гради на земјиште кое е во туѓа сопственост. Штом земјиштето го добиеме од страна на локалната самоуправа веднаш ќе се започне со реализацијата на овие два проекта, нагласи градоначалникот.

OhridNews