По примерот на „Скопје 2014“ власта сака да реализара сличен проект и во Охрид, поради што се кочи реализацијата на урбанистичките планови во центарот на Охрид каде се наоѓаат бројни имоти на граѓани кои им беа вратени со денационализација. Ова денеска го изјави градоначалникот на Охрид Александар Петрески, во врска со барањетo на советничката група на ВМРО ДПМНЕ за одлагање на расправата по нацрт ДУП-ви за Табана и Ривиера, на што забелешки имаат и Заводот и Музеј од Охрид и Управата за заштита на културното наследство, кои тврдат дека локалната самоуправа при изготвување на плановите не ги почитувала заштитно конзерваторските основи.


Петрески тврди дека сите заштитно конзерваторски основи добиени од Завод и Музеј се вградени во нацрт планот, додека предлогот од  советничката група на ВМРО ДПМНЕ за обештетување од страна на локалната самоуправа на граѓаните на кои со денационализација им беа вратени атрактивни имоти во центарот на градот ги оцени како лицемерни.

-Тоа значи имотите кои им беа вратени на граѓаните  со денационализација повторно да се национализираат. Со тој предлог не се сложуваме ниту ние ниту граѓаните. Имам сознанија дека ВМРО сака во центарот на Охрид да изгради споменици во барок стил како што тоа направи во Скопје со проектот 2014, но доколку имаат таква намера треба да ги информираат граѓаните и да одговорат зошто тогаш спроведоа денационализација.-рече Петрески.

На прес конференцијата што се оджа непосредно пред почетокот на 44 седница на Советот, на која треба да се разгледуваат меѓу другото и нацрт ДУП-ви за Табана и Ривиера, координаторот на советничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, го критикуваше начинот на политичкото дејствување на советниците од  ВМРО ДПМНЕ кои, според него, ги злоупотребиле работните материјали што ги добиваат седум дена пред седница.

Наместо да се расправа за нив во Советот, каде што е место, своите ставови и мислења ги изнесуваат на прес конференции. Ние како советничка група сме на став да се разговара во Советот и не сме за повлекување на точките  затоа што така само се одлагаат, но не се решаваат проблемите на граѓаните.-истакна Тунтев.

Тој посочи дека советот сега ќе ги разгледува само нацрт плановите, по што следи фаза во која граѓаните, надлежните институции и сите засегнати страни ќе можат да ги искажат своите забелешки во однос на урбанистичките решенија за Табана и Ривиера.

Нацрт ДУП-ви за Табана и Ривиера се дел од обемниот дневен ред на 44 седница на Советот, која е во тек.

OhridNews