Охриѓани плаќаат поскап дизел, зголемени се цените на производите и јавниот градски превоз, зголемена е цената на водата, а поскапеа и сметките за нискоградба, велат од општинската ВМРО ДПМНЕ.

– Управниот Одбор на ЈП „Градски Пазар“ на седницата одржана на 23.2.2018 носи скандалозна одлука со која утврдува зголемување висината на услугите за тезги за продажба на земјоделски и занаетчиски производи. Дали СДСМ свесно бара начини како повеќе да собира од граѓаните и сака да ги доведе пазарџиите до питачки стап, знаејќи дека и со новиот закон за зелени пазари имаат нови давачки за да набават лиценца, да платат паушален данок како и придонеси?, праша на денешната прес конференција претседателот на ОК на ВМРО ДПМНЕ, Кирил Пецаков.

Тој додаде дека се зголемува надоместокот за користење под закуп тезги, дневниот надоместок за користење на тезгата за еден ден, штандови, а најголемо зголемување има кај деловните простори за цели 71.8%.
– Повисоките цени на закуп на тезгите кои ќе ги плаќаат пазарџиите, за разлика од порано, автоматски ќе ги поскапат и цените на производите кои охриѓани треба да ги купат, изјави Пецаков.

ВМРО-ДПМНЕ бара да се поништи одлуката за поскапување на услугите што ќе се наплаќаат на тезгаџиите и да се врати стариот ценовник во интерес на граѓаните на Охрид.

OhridNews