Илјадници граѓани во Охридско струшкиот регион петти ден немаат електрична енергија. Без струја се и селата Куратица, Ливоишта, Вапила, а проблеми со струјата има и во Косел, делови од Рача, Велестово…
Од ЕВН информираат дека интензивно работат на отстранување на дефектите, но има многу оштетени електрични столбови, а временските услови се лоши.
Во ресенско од денеска повторно струја имаат селата околу Преспанското Езеро, како и Калишта, Франгово, Ложани и Дрслајца во струшко, а се очекува во текот на вечерта струја да добие и Вевчани, велат од ЕВН. Додаваат дека проблем и натаму има во повисоките населени места на планината Јабланица, како и во охридско во селата Куратица, Ливоишта, Вапила и околните населени места. Од компанијата најавуваат дека во текот на утрешниот ден ќе бидат ангажирани дополнителни екипи за надминување на ситуацијата, на кои ќе им асистира специјалната полиција.
Од ЕВН апелираат до локалното население да биде крајно внимателно, бидејќи оштетената електрична инсталација е под висок напон.
OhridNews