Претходната ноќ на фестивалот „Охридско лето“ долго ќе се памети зашто беше вистински празник за пијаното. Во возвишениот амбиент на црквата „Света Софија“, тој празник го приреди младиот пијанистички виртуоз од Кина Сихенг Сонг кој ги демонстрира не само неговата техничка супериорност што ја поседува секој врвен пијанист од висок формат, туку и чувствата што извираа од неговата длабоко емотивна душа.

Со неверојатна леснотија, прецизност и висока концентрација, концертната програма започна со Месечевата светлина од Дебиси, продолжи со Сонатата за пијано бр 16 во це-дур од Моцарт, а специјално за овој настап на „Охридско лето“ Сонг избра да ја свири Есенска месечина врз мирното езеро од кинескиот композитор Пејжун Чен, но и Избор од Клавирски поеми од Земјата чиј композитор е самиот тој.

Беше навистина неверојатно. Сметам дека програмата беше мал предизвик бидејќи некои дела беа мои и публиката првпат ги слушна. Имаше и едно многу долго дело, 24 Прелудиуми од Шопен, но публиката, иако беше премногу топло, остана до крај на своите места. Нејзината реакција е многу важна за уметникот. Тоа се нарекува хемиска размена помеѓу луѓето. Затоа музиката е многу важна зашто ги зближува луѓето, рече виртуозниот шангајски пијанист Сихенг Сонг.

Од 2010 година тој започнува со нов тип на концерти комбинирајќи го стандардниот рецитален формат со мултимедија. Досега има создадено пет такви проекти во кои прави спој на музиката и театарот, уметноста и литературата што придонесува кон доближување на класичната музика кон публиката на 21 век.
OhridNews












