Во рамки на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ вечерва ќе се одржи концерт за две пијана. Ќе настапат Хајди Елзесер од Македонија и Ненад Лечиќ од Србија.
Хајди Елзесер настапува како солист и камерен музичар во концертни сали ширум светот, меѓу кои во салата „Гаво“ во Париз, „Тонхале“ во Дизелдорф, „Еткер Хале“ во Билефелд, познатата концертна сала на „Резиденсиа де Естудиантес“ во Мадрид и др. Редовно настапува на бројни фестивали низ цела Европа како и во државава.
Кина и САД. Нејзиниот репертоар е исклучително еклектичен и многустран – од раниот барок, па сѐ до современите дела на 21от век, вклучувајки и бројни светски премиерни изведби на композитори со кои редовно соработува, како што се: Б. Шуман, В. Глобокар, Ј. Андреевска, М. Апелбаум, А. Пејовски, М. Трандафиловски, Х.Ј. Винклер, М.К.Редел, К. Делиниколов, Г. Сантандер, П. Шахов, В. Николов, К. Џерет и други.
Хајди Елзесер е основач на квартетот за две пијана и два перкусионисти „ Artwork Ensemble“ кој ја негува современата музика, а таа е член на повеќе ансамбли за современа музика како што се „ Ensemble Horizonte“, „Earquaqe Ensemble“ и други.
Таа има издадено свој соло компакт диск со дела на Брамс и Шуберт, а учествува и во повеќе продукции на компакт дискови со камерна музика во Германија. Од 2011 година Хајди Елзесер и нејзиниот ансамбл за современа музика се почесни членови на Фондацијата „Томислав Зографски“.
Ненад Лечиќ е роден во Чачак, Србија. Уште многу рано доаѓа до израз неговиот голем и невообичаен талент за музика. Уште од мал е добитник на бројни национални и интернационални награди. Од 11-годишна возраст тој редовно држи рецитали и настапува како солист со оркестри. Во 1991 година ја добива специјалната награда „Млад Европски топ талент“ од страна на познатата италијанска ТВ РАИ. На 13 годишна возраст се запишал на факултетот за музичка уметност во Белград, во класата на Игор Ласло, за набрзо потоа да ги продолжи студиите во класата на Арбо Валдма на факултетот за музика и театар во Келн, каде што на многу рана возраст дипломира и завршува низа од постдипломски студии со највисок успех.
Лечиќ настапува како солист и камерен музичар во Келнската Филхармонија, Штефанизаал во Грац, Музикгебау – Амстердам, како и на многу видни фестивали како што се: Клавирскиот фестивал во Рур, фестивалите во Алдебург и „Кингс Плејс“ во Лондон на други ширум Европа, но и на далечниот Исток во Кореја и Јапонија. Критиката го оценува како музичар со „беспрекорна изведба на инспирирано и врвно музицирање“.
Концертот е со почеток во 21 часот во црквата Св.Софија.
ОhridNews












