Селекцијата на Србија официјално доби нов селектор, откако Фудбалската федерација на Србија (ФФС) го претстави Драган Стојковиќ-Пикси за нов предводник на „орлите“. Популарниот Пикси со ФФС потпиша тригодишен договор, односно до крајот на квалификацискиот циклус за Европското првенство 2024 година.

Знам каква е одговорноста, но во исто време верувам во мојот и во квалитетите на моите соработници. Верувам и во големиот потенцијал со кој располага репрезентацијата. Исто така ја чувствувам поддршката и од јавноста, која ќе ни биде потребна за да ги оствариме нашите цели. Квалификациите ќе започнат за три недели,започнавме со подготовките, ги анализираме противниците. Првите два противника се исклучително тешки, реално тие се нашите главни ривали за првите две места во групата, – изјави Пикси.

Стојковиќ официјално деби на клупата од српската селекција ќе има на 24 март против Република Ирска, а потоа следуваат дуелите со Португалија и Азербејџан. На позицијата селектор Пикси го наследи Љубиша Тумбаковиќ, кој доби отказ откако не успеа да избори пласман на Европското првенство.

OhridNews