Охридската публика викендов имаше можност премиерно да го проследи филмот „Последниот Македонец – Патот до истребување“ во режија на охриѓанецот Илија Пиперкоски. Во интервју за OhridNews, Пиперкоски открива детали за снимањето на играно – документарниот филм кој говори за поделбите и страдањата на македонскиот народ и аспирациите на соседните земји кон Македонија која со Букурешкиот договор е поделена на три дела, но и за актуелните состојби.
OhridNews: Како дојде да режирате филм со историска проблематика по повод сто годишнината од Букурешкиот договор?
Пиперкоски: Во 2012 година, продуцентот Снежана Лупевска- Созен ги доби средствата од Агенцијата за филм и бевме со прилично лимитиран буџет, а голема и амбициозна идеја, така што патот беше трнлив. Ретко кој македонски филм има толкава актерска екипа затоа што во филмот играат 24 глумци. Се радувам што Снежана ми ја даде оваа шанса да го режирам филмот и што работев со толкав број еминентни македонски актери. Ако нашите предци се бореа со ладно оружје, ние денес го имаме медиумот кој има најголема моќ и потенцијал да покренува важни општествени прашања и да иницира промени. Токму затоа сметам дека преку филмот можеме да се бориме за македонската кауза и да го актуелизираме повторно македонското прашање за да спречиме следна поделба.
OhridNews: Поголемиот дел од публиката истакна дека филмот е свовиден одраз на ситуацијата со која Македонија се соочува денес. Исто така гледачите беа речиси едногласни дека доаѓа во вистинскиот момент за да настане пробудување за тоа колкава била цената за слободата на Македонија. Дали можевте да предвидите дека во тоа повторување на историјата, нештата ќе се движат во ваква насока и дека Македонија ќе ја доживее најдлабоката криза од осамостојувањето?
Пиперкоски: Кога го правевме филмот немавме предвид дека настаните во земјава ќе доживеат ваква кулминација и дека ќе бидеме сведоци на ваква политичка криза. Како и да е, филмот ќе го прикажеме низ цела Македонија и верувам дека луѓето ќе ја сфатат главната порака од свој агол. Морам да констатирам дека ние реално малку ја знаеме својата историја и можеби токму затоа сме осудени на повторување на историјата и паѓање на истите грешки. Македонија отсекогаш била толку привлечна, сите најзначајни патишта минувале низ неа и имала одлична геостратешка позиција, така што и денес ги имаме истите проблеми со соседите, иако се поминати 100 години од Букурешт. Се надевам дека нема да ни се случи страшната судбина да ја доживееме повторно поделбата пред и по Букурешт, можеби не во истата форма, но манифестирана со поделби меѓу нас.
OhridNews: Како би ги оцениле реакциите на публиката од досегашното прикажување на филмот?
Пиперкоски: Публиката многу емотивно ги доживува ликовите и сцените, се соживува со сите ситуации и токму тоа ми беше целта, што пореалистично да ги доловам моментите од нашето историско минато за да ја оживеам на некој начин историјата и да почнеме да размислуваме како да ја промениме идинината на Македонија.
OhridNews: Филмот е своевидно сведоштво за еден кобен момент од нашата историја со моќна порака дека секогаш не предавал некој од внатре, иако сме имале проблеми и со окупаторите. Како што напоменавте, работевте со скромен буџет, а голема и амбицизона идеја да оставите нешто од себе во трајно наследство на Македонија. Како ви изгледаше вам целиот процес на снимање на филмот?
Пиперкоски: Верувам дека љубовта со која работиме е многу важна и амбицијата, но секако и желбата да оставиме нешто за следните генерации. Овој филм ми беше животна шанса да го направам токму тоа и сакам секој Македонец да биде свесен за злото и неправдата што ни беше нанесено и да не правиме повеќе поделби меѓу себе, распарчувајќи го и она малку што ни остана после Букурешт. Филмот ќе биде прикажан низ различни градови во Македонија за пораката да допре до целата македонска јавност.
Ивана Чичоска
Аплаузи од охридската публика за филмот „Последниот Македонец – патот до истребувањето“