Со финансиска поддршка на Министерството за култура на Република Македонија Н.У. Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид, во изминатиот период интензивно работеше врз реализација на проектот : „Прличевата 1762 лето симбол на непокорот на Македонецот“. Целта е со неколку активности да се поттикне јавноста, посебно стручната и научната за доистражување на фактите содржани во легендарната песна на Прличев – 1762 лето, која зборува за укинувањето на Охридската архиепскопија и фрла светлина врз минатото на Охрид.

Завршните активности од проектот ќе се одржат утре  во просториите на  Библиотеката, со почеток во 12 часот. При тоа, ќе биде организирана дебата на која лингвисти, писатели, теолози од Охрид ќе зборуваат за значењето на песната „1762 лето“.

Носител на проектот е Елена Долоска, вработена во Библиотеката. Проектот е осмислен во соработка со тим од библиотеката, предводен од директорката Александра Белевска, а го реализира Милчо Јованоски, новинар и публицист кој ќе биде  и модератор на дебатата.

За  Григор Прличев, најпознатиот македонски преродбеник од 19 век, неговото творештво и најновите сознанија ќе зборуваат: Проф.д-р. Димитар Пандев од Филолошкиот факултет „Блаже Коневски“ од Скопје, Владо Жура познат новинар и публицист од Охрид, Отец Никола Христоски од Дебарско – кичевската епархија.

 По воведните излагања предвиден е и дебатен дел во кој со свои искажувања се  поканети да учествуваат писатели и творци од Охрид кои на еден или друг начин имале можност да комуницираат со творештвото  на Прличев.

OhridNews