Писателот за деца Милутин Бебекоски е овогодишен добитник на традиционалната награда „Гоцева повелба – Подгорци 2012“, што ја доделува Советот на културната манифестација „Гоцеви денови“ од село Подгорци. Наградата му се доделува за творечкиот опус и за афирмацијата на македонската литература и култура.
„Гоцевата повелба“ е највисокото признание на оваа манифестација. Реч за книжевниот опус и за творештвото на годинешниот добитник ќе се одржи на чинот на доделувањето на повелбата.
Милутин Бебекоски е поет и писател за деца. Роден е на 6 јануари 1941 гогина во с. Вевчани, Струшко. Завршил средно образование, работел како службеник. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1973 година. Автор е на книгите: Нишалка под виножито (поезија за деца, 1966), Ѕвездена труба (поезија за деца, 1970), Копче од ѕвезда (поезија за деца, 1972), Возот на детството (поезија за деца, 1973), Воденици (поезија за деца, 1978), Долетај на дланка (поезија за деца, 1979), Дреноцут (поезија за деца, 1983), Записи за Дримкол (поезија за деца, 1986), Тапијата на дедо ми Гаврил (поезија, 1990), Суво поле (поезија за деца, 1998), Градината на дедо ми Гаврил (поезија за деца, 1998). Добитник е на наградата на РТВ Скопје.
Повелбата ќе му биде врачена на 12 мај, на завршниот дел на овододишните 41 „Гоцеви денови“ кои ќе се одржат во подјабланичкото село Подгорци, на платото пред бистата на Гоце Делчев, а ќе ја врачи претседателот на Советот на манифестацијата „Гоцеви денови“, Влатко Плушкоски.












