На брендиран штанд се делеше подготвен Охридски чај, а граѓаните и туристите преку флаери и друг пропаганден материјал имаа можност да се информираат за овој и другите ендемски видови флора во националниот парк Галичица.
-Го промовираме Охридскиот чај кој е најраспространет во националниот парк Галичица, со цел негова заштита и одржливо користење, за што работиме и на едукација на населението, изјави Огнен Достиноски, раководител на туристичко рекреативна зона во Национален парк „Галичица“.
Достиноски истакна дека народот добро ги знае својствата и квалитетот на Охридскиот чај и најави дека ќе бидат извршени дополнителни анализи за точно да се утврди неговата употребна вредност.
Промоцијата на Охридскиот чај привлече големо внимание. За кусо време се испија околу 500 чашички чај, а љубопитните минувачи се интересираа за рецептот на подготвување и неговите својства.
-Прв пат на ваков начин го одбележуваме Денот на националните паркови, а целта ни е да се подигне јавната свест кај населението за заштита на животната средина и богатиот ендемски свет во националниот парк Галичица, рече Хавза Реџеп Каќел, од Одделенито за заштита на животната средина при општина Охрид.
Според најавите, одбележувањето на Денот на националните паркови, 21-ви јули, ќе стане традиционална манифестација, на која ќе бидат промовирани ендемските видови флора и фауна од Националниот парк Галичица, за кои јавноста многу малку знае.