Согласно Планот на УНЕСКО при изградба на фотонапонски електрани во Охрид треба да се почитува ограниченоста на искористување на парцелата од 40%, што е економски неисплатливо за вложување на инвеститорите, беше потенцирано на денешната Седница на Совет на Општина Охрид.

Во оваа насока беше и изгласана Предлог Одлуката за утврдување начин на применување на „План за управување со светско природно и културно наследство на Охридскиот регион со акциски план (2020-2029)“ при донесување и спроведување на генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за вон населено место, урбанистички план за село и урбанистички проект вон опфат на урбанистички план при планирање на намена е 1.13-фотоволтаични електрани.

Во образложението од носење на ваква одлука, Богдан Настески, претставник од Секторот за урбанизам, истакна дека прво треба да се направи разлика меѓу фотонапонски електрани и поставување на фотонапонските панели на крововите.

Во овој случај се работи за градежна парцела на која се поставуваат фотонапонските панели. За жал во Охрид овие постапки за урбанизација на просторот се ограничени со Планот на УНЕСКО, со што се ограничени на 40% искористеност. Со ова за една парцела од 10 хектари, може да се постават фотонапонски панели само на 4 хектари. Тоа е и целата постапка поради која се носи оваа Одлука. Економски не е исплатливо, рече Настески.

Објасни дека во 2016 година Европската Комисија започна акција дека може и физички и правни лица да бидат учесници во овој процес на енергетика, продажба на струја. Со Законот за енергетика од 2018 година и измената од 2019 година и нашите правни и физички лица може да учествуваат на пазарот на енергетика.

Имавме случаи кога заинтересирани странки прашуваат дали за 10 хектари ќе се применува Планот на УНЕСКО. Тоа значи дека ако инвеститорот купи 100 илјади метри квадратни, само на 40 илјади може да постави фотонапонски панели. А на останатите 60 илјади метри квадратни не може да постави. Тука инвеститорите не ја гледаат економската исплатливост. Во цела Македонија се гледа да се градат фотонапонски електрани, но само кај нас се откажуваат, бидејќи нема инвеститори. За споредба во Осломеј 10 хектари задоволува потрошувачка за 2800 фамилии, тоа значи 10 до 12 илјади жители. За жал, кај нас нема ниту една единствена инвестиција досега. Ова е пречка, што ги спречува инвеститорите. Поднесени се неколку иницијативи, една се откажа, втората ја имаат поднесено, но кога ќе разберат дека може само на 40% од површината на парцелата да постават фотонапонски панели верувам дека и тие ќе се откажат, додава Настески.

Планот за УНЕСКО во рамки на градежниот дел, вели, ограничува 50% искористеност на парцелата, додавајќи дека и денес онаму каде што има 70% искористеност ги враќаат на 50%, со Одлуката за почитување на Планот на УНЕСКО.

Но, вели Настески, таа Одлука за терен вон опфат на урбанистички план, каде и најчесто се бара поставување на фотонапонски панели, е пуштен поригорозен на 40% искористеност, што апсолутно нема никаква економска исплатливост за некој да инвестира и тоа е пречка, потенцира.

Во Македонија според регистерот има околу 200 фотонапонски електрани, а во Охрид ниту една.

Н.С.Ј.