Во просториите на СЕТУ Михајло Пупин во Скопје беше потпишан меморандум за соработка меѓу ова училиште и едни од водечките македонски компании. На веќе започната иницијатива од страна на ЕВН се приклучија уште пет други компании кои со потпишување на „Платформа 2020“ ја официјализираа соработката со ова училиште која ќе придонесе за унапредување на квалитетот на учењето преку работа.

Целта на ова партнерство е да се зголеми вклученоста на приватниот сектор во промовирање на средното стручно образование во земјата. Тоа значи дека во иднина приватниот сектор ќе биде инволвиран во создавањето на наставните програми според барањата на пазарот и директно ќе ја поддржува практичната настава и феријалната пракса во компаниите.

Преку ваквата размена на искуства меѓу образовните институции и приватниот сектор се постигнува создавање на квалитетни кадри, образувани според европски стандарди. Придобивките од овој начин на соработка се обострани. Учениците добиваат соодветно, практично образование и стекнуваат непроценливо работно искуство во компаниите уште пред завршување на своето образование. Со тоа нивните шанси за вработување во иднина значително се зголемуваат, а компаниите од друга страна добиваат високо квалитетни кадри според нивните потреби, кои се веднаш подготвени да се вклучат во работниот процес.

Како лидер на платформата, ЕВН овој начин на поддршка на образованието го започна со проектот „20-20-20“, преку кој веќе две генерации ученици следат настава во посебната ЕВН паралелка и посетуваат практикантска работа во компанијата. На најдобрите од нив по завршувањето на средното образование, ЕВН им нуди можност за вработување и градење на кариера во компанијата, соопшти компанијата.

OhridNews