Во подрачното основно училиште „Дедо Лазо Циркоски“ во струшко Враништа подолг период не се изведува настава поради проблеми со набавка на гориво за греење.

-Речиси еден месец нема парно, училниците се ладни, поради што не одиме на училиште веќе две недели, вели ученик од Враништа.


Родителите се децидни дека и натаму нема да ги праќаат децата на училиште додека надлежните институции не го решат проблемот со затоплувањето во училишптето во Враништа каде настава посетуваат околу 150 ученици.

-Проблем ни е целата држава кога дојдовме за најмилото, децата, во 21 век да одат во вакви услови на училиште е срамо. Не сакам да кривам никого, дали е виновен градоначалникот, министартвото за образование или некој друг, но ова е нонсенс.- изјави локален жител.


Проблеми со затоплувањето изминатите денови имале и други училишта во општината, поради што  во дел од нив се изведувала скратена настава. Градоначалникот Мерко информираше дека локалната самоуправа минатата недела ја завршила тендерската постапка за набавка на гориво за грееење за сите училишта во општината и дека тие можат да го извршат потребното снабдување со енергенси. Сепак, Мерко предупредува дека поради малите средства кои општините ги добиваат од државата постои проблем со подмирување на обврските кон фирмите кои ги снабдуваат училиштата со гориво бидејќи со средствата за таа намена се покриваат личните доходи на вработените во образованието.

-Се појавува проблем со личните доходи. Со покачување на платите годишно за 10 проценти средставата од греењето поминуваат во плати, а средствата за греење, за транспорт и услужни дејности се намалуваат така што се намалени повеќе од 70 отсто.-објаснува Мерко.


За проблемот со недостаток на средтва за покривање на трошоците на училиштата Мерко истакна дека ги запознал министрите за образование и за локална самоуправа од кои побарал да се заложат во буџетот за наредната година да се предвидат повеќе пари за општините за сервисирање на обврските кон училиштата.

Г.М.