Министерството за транспорт и врски објави Јавен оглас за изработка на проектна документација за уредување на 150 метри плажа на дел од Охридското Езеро во општина Дебарца со извршена ревизија. Проценетата вредност на проектната документација без ДДВ е околу 6.500 евра или точно 400.000 денари.
Во рамки на делот за видот на договорот за јавна набавка пишува дека се работи за категоријата: Архитектонски услуги; инженерски услуги и интегрални инженерски услуги; услуги за просторно планирање и инженерски услуги за уредување на земјиштето; поврзани научни и технички советодавни услуги; услуги за технички испитувања и анализа.
Критериум за доделување на договор е најниската цена, а при постапката ќе се користи електронска аукција.
-Договорниот орган ќе користи електронска аукција како последна фаза во постапката со барање за прибирање на понуди со објавување на оглас. Предмет на аукцијата е вкупната цена на предметот на договорот за јавна набавка, односно најниска цена од прифатливите понуди поднесени во првичната фаза од постапката. Поканите за учество на аукцијата ќе се достават во електронска форма преку ЕСЈН по целосната евалуација на првичните понуди, до сите економски оператори кои доставиле прифатливи понуди во првата фаза од постапката, пишува меѓудругото на јавниот оглас, кој е објавен преку Електронскиот систем за јавни набавки.
Крајниот рок за доставување на понудите е 16-ти декември 2014 година до 10 часот, кога ќе се одржи и јавното отворање на истите. Во огласот пишува дека Периодот на важност на понудата е 90 денови или до 16-ти март 2015 година.
Инаку во средината на септември годинава заврши Јавната анкета на која граѓаните можеа да гласаат за вкупно пет идејни решенија за плажа на Охридското Езеро во општина Дебарца, кои пристигнаа на конкурсот за изработка на идејно архитектонско – урбанистички решенија за уредување плажата, кој исто така го имаше објавено Министерството за транспорт и врски. Од пристигнатите идејни решенија, најмногу гласови имаше добиено третиот проект, односно 56 проценти од вкупно 3.072 гласови.
OhridNews