Половина од плажите на охридското крајбрежје не добија концесионери на јавниот оглас што го распиша државата, со што во прашање се доведува безбедноста на капачите, бидејќи согласно законот закупците се должни да ангажираат обучени спасители на вода. Од охридскиот Црвен крст, кој располага со најголем број спасители на вода се надеватаа дека надлежните институции ќе изнајдат решение за проблемот, бидејќи со или без концесионер на плажите ќе доаѓаат посетители.

-Црвен крст не одбива да помага таму каде што нема концесионери, меѓутоа постојаното присуство на плажите за жал е условено од официјални концесионери кои имаат обврска да се грижат за безбедноста на плажите, изјави Антонио Додески – секретар на Црвен крст Охрид.

Од Локалната самоуправа решение на проблемот гледаат во преземање на имотот од државата, во кој спаѓаат и плажите, што според најавите треба да се случи на почетокот од месец јуни.

Штом ние ги добиеме тие ингеренции, сигурен сум дека за плажите кои се останати ќе се изнајде решение, а и други плажи ќе направиме и ќе можеме како општина подиректно да помогнеме за подобрување на безбедноста во сообраќајот и во водата, истакна градоначалникот на Охрид Александар Петрески.

Од вкупно понудените 16 плажи во Охрид и Дебрца  на јавниот оглас што неодамна го распиша Министерството за транспорт под концесија по пат на електронско наддавање се издадоа 8 плажи.