Доколку некоја плажа не се издаде, никој нема право да стопанисува со неа изјави министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

На прес конференцијата што вчера се одржа во Скопје, Јанакиески посочи дека сите правни и физички лица, согласно објавата и законските прописи, имаат можност да се јават на повикот за давање под закуп на 15 плажи на охридското крајбрежје, чии договори истекоа на 30-ти септември.

– Доколку некоја плажа не успееме да ја дадеме под закуп, тогаш ниту едно правно или физичко лице нема да има право да оперира со таа плажа, односно ќе биде слободна за користење на сите граѓани на Република Македонија и странски туристи, рече Јанакиески.

Крајниот рок за пријавување за јавното наддавање за закуп на плажите на охридското крајбрежје истекува на 12-ти април. Доколку за некоја од плажите нема интерес, тогаш повторно ќе биде објавен повик се додека истата не биде издадена под закуп, појасни Јанакиески.

OhridNews