Иако градежните работи започнаа уште во декември минатата година, најавениот модерен плоштад кај „Мини маркет“, се уште не е завршен. Граѓаните кои минуваат тука коментираат дека се „ дават“ во прашина. Дуќанџиите, пак, се жалат дека им трпи бизнисот.
– Плаќаме кирија, а муштерии има се помалку. Не одбегнуваат поради неуредениот простор и прашината. Работите беа најавени амбициозно и започнаа. Прво ни кажаа плоштадот ќе биде готов до Водици, па до Велигден, па Први мај…., но се уште не е завршен. Никој не ни кажува кога ќе завршат градежните активности, а нас бизнисот почна да ни пропаѓа. Ниту шахтите низ кои тече канализација не се санирани и стојат отворени, вака не оди.-изјави револтиран сопственик на бизнис, кој има дуќан под кирија во зградата кај плоштадот во изградба. И другите дуѓанџии кои ги затекнавме таму ги споделија проблемите со кои се соочени поради пролонгирање на градежните работи околу изградбата на плоштадот.
Од локалната самоуправа информираат дека се очекува да биде распишан тендер за изработување на мозаикот на фонтаната која е во рамки на плоштадот, по што ќе продолжи уредувањето на просторот.
Како што беше најавено при започнувањето на градежните активности во декември, минатата година, плоштадот ќе има поплочени пешачки зони, просторот хортикултурно ќе биде уреден, ќе бидат поставени клупи за седење и фонтана, детски реквизити, а ќе биде поставено и странично и подно осветлување.
Од локалната самоуправа не откриваат кога ќе заврши уредувањето на плоштадот и дали тоа ќе биде пред официјалниот почеток на туристичката сезона. Велат дека се прават напори за што поскоро завршување на активностите.
OhridNews