Со специјални радари кои ќе бидат поставени на охридското крајбрежје ќе се набљудуваат бродовите, глисерите и другите пловни објекти кои пловат по Охридското Езеро.

За таа цел Министерството за транспорт и врски преку Електронскиот систем за јавни набавки, деновиве објави Јавен оглас, за набавка на радарска опрема која ќе чини околу 24.000 евра или точно 1.516.949 денари. Крајниот рок на овој Јавен оглас истекува на 14-ти октомври 2015 година, кога ќе биде извршено и јавното отварање на понудите.

Од Капетанијата на пристаништата во Охрид велат дека со поставувањето на радарите ќе се зголеми безбедноста на пловидбата во Охридското Езеро.

-Радарите ќе служат за потребите на Капетанијата. Со нив ќе може да се набљудува целата површина на езерото, присуството на одредени пловни објекти односно фреквенцијата на движење на пловилата низ езерото. Радарите ќе бидат корисни кога ќе треба да се лоцира одреден пловен објект кој е исчезнат, изгубен или има одредени проблеми во пловидбата, вели Горан Устијаноски, капетан на Кaпетанијата во Охрид.

Тој објаснува дека според планираното, радарите ќе бидат поставени на две локации на крајбрежјето.

-Планирано е еден од радарите да биде монтиран во делот на градското крајбрежје, а еден во потегот кај селото Трпејца. Тие ќе бидат поставени фиксно и сигналот ќе треба да го препраќаат безжично до Капетанија, каде што ќе имаме опремена просторија за набљудување, појаснува Устијаноски.

Инаку пред извесно време заврши постапката за поставување на пловидбени знаци и информативни табли на брегот на Охридското Езеро како и бови кои служат за сигнализација на пловидбата во вода.

Е.М