Општата Болница Охрид станува Регионален центар во Југозападниот регион за операција на крајници. После осумнаесет години, денес беа изведени два оперативни зафати од страна на медицински тим на Болницата во Охрид со колегите од Клиниката во Скопје. Вакви интервенции, според најавите, се планирани да се изведуваат еднаш неделно.
По две децении една хируршка процедура како што е оперативниот третман на крајниците, се враќа во пракса во Општата болница Охрид и навистина е прекрасно чувството. Пациентите коишто би требало да поминат стотици километри за да дојдат во друга установа и да се лекуваат таму, сега имаат можност тоа да го прават тука. Огромни се овие краишта, тука се повеќе региони, струшкиот, дебарскиот, кичевскиот регион и навистина ќе биде прав благодет, според можностите и персоналот што ги има болницата, да одговори на потребите на тие пациенти. Исклучително често пациенти од внатрешноста доаѓаат на Клиниката за уво, нос и грло во Скопје и на дневна основа се изведуваа по пет вакви хируршки интервенции, односно на неделно ниво дваесет и пет. На месечно ниво се околу сто интервенции. Меѓутоа бројот на хирурзи ни е различен од Општата болница Охрид и треба да се размислува во наредниот период да се зголеми истиот и на тој начин ќе овозможиме пациентите да добиваат здравствена заштита поблиску до местото на живеење преку Фондот, вели Д-р Игор Камшиковски, оториноларинголог.

- Денеска, после период од осумнаесет – дваесет години се направи тонзилектомија кај дете на шестгодишна возраст. Значи се оперираат тонзили и аденоиди. Во соработка со Клиниката за уво, нос и грло операцијата ја изведовме јас и доктор Ангела Колевска со голема помош од анестезиологот Марина, началничката и сите други што се на Одделот. Се надеваме дека ова ќе премине во пракса со оглед дека секој понеделник имаме договорено да се оперираат тонзили во нашата установа, вели Д-р Наум Kостојчиноски
- Одлично е да се воведе како пракса ваков тип на зафати затоа што Охрид е центар на еден поголем регион во оој спаѓаат уште и Кичево, Дебар, Струга, Ресен. Значи имаме пациенти од секаде и би било одлично да не е е се централизирано кон Скопје, туку малку да се растерети здравствениот систем од главниот град и во останатите градови, вели Д-р Колеска.
- Ние рутински имаме искуство со педијатриска популација со најразлични индикации и патологии, но сепак ова е поспецифична област, бидејќи станува за горниот дишен пат, а овие интервенции се извршуваат со општа анестезија. Овие пациенти вообичаено се со хронични воспалителни процеси, почесто настинуваат, треба специфична подготовка и да се одбере периодот кога тие пациенти ќе бидат во една оптимална здравствена состојба да бидат оперирани. Анестезија е подготвена за сите предизвици. Мило ми е што моите колеги се решија на ваков чекор и на наше огромно задоволство тимската соработка и договор еве резултираа денеска прв пат после долг период да извршиме тонзилектомија заедно со аденотомија и се надевам дека ова ќе стане рутинска пракса, пред се за нашите граѓани во нашиот град и околината и сето тоа на задоволство и наше и на пациентите, како и дека се ќе биде во најдобар ред понатаму, вели Д-р Грозданоска.
Охридската болница ги има сите услови за да ги изведува овој тип на операции и интервенции и ова може да звучи како мал чекор, меѓутоа проблемите има многу и треба да ги цениме сите поместувања, истакна при денешната посета на болницата во Охрид, директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.
Изминатиот период воспоставена беше педијатриската служба која функционира како што треба, а сега се започна со интервенциите за крајници. Повеќе такви чекори треба да не водат кон тоа што Охридско-струшкиот крај го заслужува. Јас сè уште, според статистиките што ги следиме, можам да кажам дека јавното здравство во овој регион е во најдобра состојба после Скопје, имајќи ги предвид сите болници: Кардиошкиот центар, болницата Св. Еразмо заедно струшките капацитети и мислам дека колку повеќе Охридско-струшкиот регион е самодоволен во однос на јавното здравство, толку подобро не само за граѓаните тука и за целата земја, посочува Клековски.
Фреквентноста на овие оперативни зафати коишто ќе се изведуваат во нашата установа зависи од повеќе фактори и тоа бара еден мултидисциплинарен пристап, истакна директорот на Општа Болница Охрид, Д-р Горан Маркоски.
Фреквенцијата ќе биде отприлика три до четири зафати во однос на претходно, во зависност од подготовката на пациентите и достапност на колегите од Скопје. Тие си имаат нормално обврски во своите матични установи. Меѓутоа, ние планираме за почеток еднаш во текот на неделата да се определил еден оперативен ден кога ќе се извршуваат по неколку оперативни зафати, за почеток, а во иднина имаме тенденција нормално нашите доктори сами да почнат да ги изведуваат овие зафати, со што значително ќе се зголеми фреквенцијата. Нашата установа и во оваа дисциплина станува Регионален центар во Југозападниот регион, затоа што нема друга секундарна установа кај што се изведуваат вакви операции во овој момент, рече Маркоски.

Со тоа би се растeретила и Клиниката во Скопје и пациентите побрзо би стигнувале до оваа услуга, односно овој оперативен зафат. Изминативе години имаше потреба од вакви оперативни зафати. Пациентите беа испраќани на Клиника, беа испраќани во приватни клиники, меѓутоа редот на чекање беше долг. Пациенти чекаа по неколку месеци, година дена за ваков оперативен зафат. Сега се надевам дека тоа нема да биде случај и дека тие пациенти тука ќе се оперираат безбедно и сигурно, додаде Кичеец.
Н.С.Ј.
Фото. А. Момироска
















