Во петок започнува 22- то издание на манифестацијата “ Охридски староградски средби” . Ќе започнат со дефиле на ансамблите низ чаршијата, при што е предвиден настап на градскиот плоштад и кај чинарот.

Во 20 часот е свеченото отварање во Центарот за култура “ Григор Прличев”. Учество ќе земат околу петнаесеттина ансамбли и пеачки групи од земјава и соседна Бугарија, меѓу кои и КУД Танец од Скопје, КУД Пере Тошев од Прилеп, Биљана од Охрид.

Во рамки на Охридските староградски средби ќе се одржат и придружни активности.
Во четврток со почеток во 12 часот во изложбениот салон на Центарот за култура ќе се одржи средба, насловена како “ Творечка лабораторија”,  со творештвото на Мирјана Селченец.

Во петок, непосредно пред почетокот на манифестацијата, во 18 часот и 30 минути, во изложбениот простор на Центарот за култура ќе биде отворена изложба на фотографии “ Лазурна рапсодија” на Атанас Ќушкоски.

OhridNews