Охриѓани утревечер, по 24 пат ќе имаат можност да уживаат во звуците на староградскиот мелос и изведбата на бројните групи од Охрид и земјава кои ќе настапат на  традиционалните „Охридски староградски средби 2012“.

Фестивалот ќе започне во 19 часот со дефиле на ансамблите низ старата чаршија и настап на две локации: Градски плоштад и Стар чинар. Еден час подоцна во Центарот за култура ќе се одржи свеченото отворање на фестивалот при што присутните ќе ги поздрави директорката на центарот, Драгана Боцеска.

– Фестивалот значи вредносно продолжување на традициите што датираат од
пред неколку века и придонес во незаборавот на старите, автетнични
песни, навраќање во богатата градска ризница на традициите од минатите
векови, вели директорката на Центарот за култура „Григор Прличев“,
Драгана Боцеска.

Присутните ќе имаат можност да го проследат настапот на Хорот при НУ Центар за култура ,,Григор Прличев”, ансамблот ,,Билјана”, учесниците од Штип, ,,Пере Тошев” од Прилеп, НУ Центар за култура ,,Ацо Шопов” – Штип ,,Вис орнаменти”, ,,Распеани гевгеличани” , друштвото „Оскар” – Струга и Владо Костоски, ,,Октет Прилеп” -НУ Центар за култура Прилеп, ,,Распеани охриѓани од Охрид и учесниците од државното музичко училиште од Скопје „ Илија Николовски Луј“ .

Фестивалот е во организација на Центарот за култура „Григор Прличев“, а со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија. „Охридските староградски средби“ беа востановени во 1974 година, непрекинато постоеја до 1994 година, а беа обновени во 2008 година.

Т. К.