Од новата учебна година по 3.000 денари за секое запишано прваче во Општина Охрид, како и низа мерки во насока на поддршка на учениците од ранливите категории, но и талентираните ученици усвоени на денешната Седница на Советот.

Советот на денешната одржана седница ја усвои Предлог-одлуката за усвојување на програмски документ – препораки за видовите, критериумите, висината и начинот на спроведување постапки за финансиска поддршка од средствата предвидени во буџетот на Oпштина Охрид и во годишните програми за работа од Секторот за образование, детска, здравствена и социјална заштита за учебната 2022/2023 година наменети за ученици, студенти и наставници.

Дел од програмата е и проектот „Нашите првачиња” кој предвидува финансиска поддршка од 3.000 денари за секое запишано прваче во основните училишта во Општина Охрид кое ќе се применува од оваа учебна година, од септември. Во програмата имаме доделување стипеднии за ученици во општинските основни и средни училишта, студентски стипендии и новитет е дека во студенстските стипендии додаваме уште една категорија – стипендии за ученици кои ќе посетуваат настава од дефицитарни кадри на територијата на Општина Охрид. Воведуваме образовен додаток, мерка која еднократно ќе се додели на најмногу 120 студенти по 6.000 денари, вели советникот координатор на советничката група од ВМРО ДПМНЕ, Перчо Божиновски.

Потенцира дека се продолжува со доделување стипендии на лицата со ретки болести и посебни образовни потреби, како и продолжен претстој за учениците во групи.

Од оваа учебна година новитет е воведувањето италијански јазик во основното образование, во две училишта во ОУ „Христо Узунов“ и „Свети Климент Охридски“. Дополнително се воведува проширена програма за учлилиштата односно програма која ќе ги опфати талентираните ученици со додатна настава. Бесплатен превоз за ученици и наставници кои учествуваат на регионални, државни и меѓународни натпревари. Новитет е воведување парични награди за ученици и нивните ментори кои ќе освојат награди на натпреварите, додава Божиновски.

Вели новитете е и воведувањето на првенец на генерација во основните и средните училишта, по 10.000 денари за ученик, а се воведуваат и персонални асистенти и потреба од тутори и медијатори.

Овој програмски документ вели советничката Ана Крстеска има за цел да ги прикаже начините и условите за добивање на помош преку Секторот за образование, детска, здравствена и социјална заштита.

Мерките предвидени во овој документ се доста сеопфатни и особено се обрнува внимание на учениците, студентите, корисниците кои потекнуваат од социјално ранливи категории, но и на талентираните и надарените ученици со цел нивно детектирање, стимулирање, помош и овозможување услови понатаму тие да можат да оставруваат врвни резултати, додава Крстеска.

Н.С.Ј.